

Во најавената серија од средби со политички партии, денес Ловечката Ферерација на Македонија оствари средба со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и тоа пратеникот Драган Ковачки и Претседателот на комисијата за безбедност при ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев. На средбата ги презентиравме активностите на ЛФМ и ги посочивме проблемите со кои се соочуваме, пред се актуелната состојба со Законот за оружје и сите потешкотии со кои се соочуваат Македонските ловци, при постапките за добивање на дозвола за набавка на ловечко оружје. Заеднички констатиравме дека Секторот за оружје при МВР мора да се реформира, да се формира работна група за изготвување на комплетно НОВ ЗАКОН ЗА ОРУЖЈЕ, целосно усогласен со ЕУ директивата 2021/555, при што рокот од поднесување на барање за набавка на дозвола за оружје, до конечно одлучување да не биде подолг од три месеци и строго да се почитува, наспроти моменталната состојба со предмети кои се во постапка со години! Ги повторивме и останатите наши веќе познати барања во однос на поедноставување на целата постапка, лица кои служеле воен рок во ЈНА или АРМ, како и сите лица кои должат службено оружје, да не се упатуваат на обука за ракување со оружје, испитот кој сега се полага електронски, да се даде можност по барање на апликантот да може да се полага писмено или усно, ловечко оружје да се одзема само за прекршоци и кривични дела со елементи на насилство итн. Укажавме и на фактот дека се почесто има налети на возила на дивеч на патиштата низ целата Држава и потребно е да се изработи нова шема за сообраќајна сигнализација при што на сите критични делници ќе се постават сообраќајни знаци ,,дивеч на пат”, што ќе придонесе за подобрување на безбедноста во сообраќајот, заштита на дивечот и прецизирање на одговорноста. Во следниот период продолжуваме со уште средби со релевантни политички субјекти, во служба на подобрување на состојбите во ловството.
Со почит, ЛФМ.
ДОБАР ПОГЛЕД!
